preloder

На барање на жителите на Градски Ѕид кои живеат во опфатот на затвореното паркиралиште „Дом на градежници“, Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“-Скопје воведува промени во начинот на организирање и наплата на споменатото паркиралиште, со цел да се реши проблемот со паркирањето на ова паркиралиште и да им се овозможи на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните живеалишта.

Своите барања до ЈП Паркинзи на Општина Центар, жителите ги доставија во форма на Петиција во која се наведени предлог итни мерки за решавање на проблемот со паркирањето со кој секојдневно се соочуваат. ЈП ПОЦ ги прифати предлог мерките на граѓаните и согласно истите, од 9 август:

Цената за паркинг за 1 час на затвореното паркиралиште „Дом на градежници“ ќе изнесува 250 денари;

Ќе се редуцира бројот на часови на гостинската карта (м-карта) на 2 часа, по 17:00 часот неограничено;

Ќе се воведе систем за препознавање на регистарски таблички и ќе се отстранат постоечките картички;

Ќе се ограничи пристапот на комбињата за дотур на роба, односно ќе им се овозможи бесплатен пристап од 05:00 до 07:00 часот, во спротивно ќе ја плаќаат редовната цена за паркинг за 1 час.

„Во изминатите неколку месеци бевме на средби со куќните совети на станбените единици во опфатот на паркиралиштето „Дом на градежници“ и заеднички наоѓавме решенија како да го решиме паркирањето на ова паркиралиште. Жителите доставија до нас петиција со разумни мерки, ние ја разгледавме и ја усвоивме таа петиција. Веруваме дека овие мерки значително ќе помогнат во решавање на проблемот со паркирањето, ќе придонесат да се воведе поголем степен на контрола и ред во паркирањето и ќе им овозможат на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните домови“, изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски.

Одлуката за усвојување на Петицијата за решавање на проблемот со паркирањето на паркиралиштето „Дом на градежници“, донесена од Управниот одбор на ЈП Паркинзи на Општина Центар, беше изгласана на последната седница на Советот на Општина Центар.